Парохија „Успение на Пресвета Богородица“ – Нова Маала

Местоположба на парохијата

Парохијата „Успение на Пресвета Богородица” во Нова Маала се наоѓа во општина Василево, на надморска височина од 320 метри и е сместена во североисточниот дел од Струмичката котлина, на 15 километри оддалеченост од градот Струмица. Пред да се населат тука католиците од Кукушкиот дел на Македонија, живеело турско население. Со текот на времето, дел од турското население се иселило во Турција.

Католиците од село Лелово на чело со својот свештеник о. Атанас Иванов, за време на Балканските војни, напуштајќи ги своите родни огништа заминуваат во непознат правец. Пролетта 1914 година о. Атанас Иванов со верниците, по долго патешествие, пристигнува во Нова Маала, и првата света Литургија е служена пред Велигден во Великата Седмица.

По кратко време, некои жители од Нова Маала, неможејќи да ја издржат тиранијата од страна на комитите и џандарите, се селат во Бугарија, а о. Атанас Иванов се преселува во Струмица, каде исто така имало многу верници дојдени од Кукушкиот дел на Македонија.

Изградба на Црквата и управување со парохијата

Во 1936 година е купена црковна куќа, а во 1937 година донесена е одлука да се започне со изградба на нова Црква на местото каде што е сегашната Црква, при што луѓето со својот допринос активно учествувале во изградбата на Црквата.

Црквата била изградена за многу краток период. Сите работи се извршувале под водство на о. Димитар Ташев. Во 1945 година се изгорени некои црковни книги со архивата. Во 1954 година владиката Букатко го именува о. Алојз Турк за управител во Нова Маала, во 1954 година тој е осуден на 4 години затвор. После издржаната казна тој заминува за Белград. Во 1957 доаѓа нов свештеник о. Димитар Џагалов, кој со парохијата управува до 1969 година, а од 1969 до 1973 доаѓа во Нова Маала о. Ванчо Стојанов. Од 1973 до 1978 година со парохијата управува о. Ристо Делијанов. Во краткиот период од 1978 до 1979 година парохијата е под раководство на о. Георги Ангелов. Во 1979 година о. Јоаким Дудаш е именуван за управител на парохијата, а по неговото заминување во 1998 година за управител на парохијата е именуван о. Спасо Ристов, кој е актуелен парох, а во 2016 година во пасторалната работа на парохот му помага о. Ванчо Назов, кој е именуван за парохиски викар.

Свештеници од Нова Маала

Во 1972 година парохијата Нова Маала го доби својот прв свештеник, родум од парохијата, о. Ристо Делијанов, кој е ракоположен во парохиската црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Нова Маала и веднаш започнува со интензивна пасторална работа. Во 1978 година о. Ристо Делијанов, кој воедно е член на монашката заедница на оците Лазаристи, е повикан во Загреб за префект во семинаријата, а на негово место за пасторалната работа во Нова Маала се грижи о. Георги Ангелов

На 08 октомври 1995 година во Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Нова Маала е ракоположен о. Спасо Ристов. На 06 мај 1996 година во истата Црква е ракоположен о. Марјан Ристов од рацете на монс. д-р Јоаким Хербут. На 14 октомври 2006 за свештеник во парохиската црква е ракоположен о. Ѓорги Динов, а на 18 ноември 2007 година свештеничко ракополагање во истата црква прими о. Тони Ангелов и двајцата ракоположени од Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија.

Сестри Евхаристинки

Во 1970 сестрите Евхаристинки добиват благослов и дозвола за изградба манастир во селото, а веќе во 1972 година се вселуваат во него и се активни во пасторалната работа во парохијата.

Парохиски лист

Во 2001 година за празникот Богојавление излезе првиот број „Парохиски Лист”, кој континуирано излегува периодично запознавајќи ги верниците со сите нови настани во парохијата.

Одржување на објектите

Во текот на годините парохиските објекти континуирано се обновуваат и реновираат, а поважни активности се: во1981 е завршена изградбата на новата црковна куќа. Во 1983 година е купен нов олтар, а 1985 година иконите за иконостасот се добиени подарок. Во 1987 година купена е нова камбана и посветена на свети Кирил и Методиј. Црквата е целосно реновирана во 1990 година. Летото 2000 година целосно е уреден црковниот двор; изградба на сакристија (2007), белење на црквата, поплочување на дворот, замената влезната врата на црковниот двор, кујна во црковната сала (2010), озвучение во црквата, реновирање на објектот на гробиштата (2011), замена на столаријата на црковната куќа (2012), нова купола, нов крст и нови столови во црквата (2013), механизам за камбаната, сменети прозорците и вратите на Црквата (2014), набавка на лустери (2016)

Свештеници кои служеле и служат во Нова Маала

о. Атанас Иванов               1914 – 1933

о. Стојан Пецев                   1933 -1934

о. Димитар Ташев             1934 – 1957

о. Трпчо Јорганџиев          1951-1954

о. Алојзиј Турк                     1954 – 1955

о. Димитар Џагалов           1957 – 1969

о. Ванчо Стојанов               1969 – 1973

о. Ристо Делијанов            1973 – 1978

о. Георги Ангелов              1978 – 1979

о. Јоаким Дудаш                 1979 – 1998

о. Спасо Ристов                  1998

о. Ванчо Назов, парохиски викар, 2016

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *