ПАРОХИЈА СВЕТИ ПРОРОК ИЛИЈА – РАДОВО

Радово е сместено во средишницата од низинскиот дел на струмичката котлина, оддалечено 12 км. источно од регионалниот центар Струмица, на 218 м. надморска височина. Опколено со атарите на селата Босилово, Турново, Балдовци, Иловица, Дрвош и Штука. Селото Радово низ вековите било населено со Македонци христијани, во времето на Отоманските освојувања на Македонија, тука се доселуваат муслимани – Турци кои го колонизираат селото и земјиштето и со време ги протеруваат христијаните. Таква судбина имале бројни населени места во Македонија. По паѓањето на турската власт, тие носени од помислата дека се колонизатори ги напуштат тие краеви.

Бежанците, односно протераните од кукушко, серско, солунско и пазарско Македонци во 1913 година барајќи спас од поробувачките грчки војски се доселуваат во краевите каде што било можно, или конкретно речено во деловите на Македонија каде што Грците неможеле да ги достигнат и убијат. Дел од нив биле сместени во источните македонски краеви Горна Џумаја (Благоевград), Царево Село (Делчево), Петрич, Свети Врач (Сандански) и поцентрално во Струмица. Добар дел од нив нашле засолниште надвор од границите на Македонија, пред се во Бугарија. Најпрвин во Софија, а од таму биле раселени по разни делови низ Бугарија, како во Пловдив и пловдивско… Некои  неможејќи да се населат ниту во Македонија ниту во соседните земји емигрираат во западноевропските земји, други во Северна и Јужна Америка, Австралија…

Парохијата свети Пророк Илија во Радово е продолжение на парохијата во село Алексово, (Грците Алексово го преименувале во Милихори, црквата – храмот е истиот кој го изградиле Македонците пред насилното протерување) од каде што се мнозинството на верници доселени во Радово, семејствата се мозаик составен од многу села од кукушката околија како што се: Мутулово, Рошлово, Морарци, Грамадна, Гола, Патрос, Јанешево, Иракли, Старошево… Радовската парохија е заснована веднаш со пристигнувањето на прогнатите, зашто со нив во Радово пристигнуваат и свештениците о. Ѓорге Стојанов и о. Стојан Пецев. Отец Ѓорге со поголемиот дел верници оди во село Секирник и ја заснова еноријата св. Никола Чудотворец, а во Радово останува о. Стојан, кој должноста парох ја врши до 1916 година, таа година парохијата ја презема монс. Неделко Стојчев. Тој останува парох две години. Во 1918 година Радово и целиот дел на струмичката котлина паѓа под власт на кралска Србија. Србите монс. Неделко го прогласуваат политички неподобен и го протеруваат од СХС, поради тоа што потекнувал од семејство кое се борело против Турците во кукушкиот крај, неговиот татко Стојан (Стојче) погинал во борба за ослободување, неговиот брат Гоце бил исто така војвода, па од тие причини тој самиот иако високо школувана личност бил непожелен за новите окупатори на Македонија.

Отец Христофор Димитар Назов ја презема грижата за парохијата Свети Пророк Илија во 1918 година и останува парох до 1957, кога него го наследува о. Димитар Ташев, кој пак како парох е до 1994 г.

Во 1994 од Загреб како свештеник во Радово доаѓа Неговото Високопреосвештенство д-р Киро Стојанов. Тој остана парох се до 1999, кога е именуван за помошен бискуп на Скопско-призренската бискупија, а од 2005 е Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија.

На должноста парох од 1999 година делува д-р Зоран И. Стојанов.

Прогонетите наречени бежанци по долгото, мачно и исцрпувачко патување, стигнуваат во новите краеви пред есента 1913 година и претежно се раселуваат каде било можно да се сместат, веднаш според можноста купуваат куќи, штали, доградуваат мали куќарки. Во првите години по доселувањето во Радово и сите други населени места, тие се осудени да почнуваат сè одново, одземените имоти во кукушко за нив стануваат носталгија, за да се заработи за леб секојдневен морало да се најмуваат кај други. Тешко тоа паѓало да се црнчи за најосновното за преживување, а свесни дека нивните имоти пропаѓаат од другата страна на планината Беласица. Подоцна Грција, тие окупирани македонски територии ќе ги раздаде на азијците кои ќе бидат доселени во градовите и селата на Македонците и до денес тие се плашат дека ќе дојдат наследниците на вистинските сопственици на таа земја што не е нивна…

Многу првенци кои во родните краеви имале свои најмени тука морат и самите да се главуваат како такви, за да заработат леб за себе и своите семејства. Но бедата да биде уште поголема бежанците живеат секојдневно под притисок како национално така и верски, на секој чекор биле застрашувани дека ќе бидат протерани. Дојдени како католици, со прилично понапредна школска подготвеност од тукашните мештани се гледани како опасност првин од бугарските а подоцна и од српските владетели.

Радово денес е парохија која влегува во склопот на Апостолскиот егзархат во Македонија, со новоизградена црква и помошни објекти кои се во склопот на црковниот комплекс.

Радовската парохија може да се пофали со развиен духовен живот и многу духовни звања. Од Радово покрај тоа што е бискупот Стојанов во моментов во Македонија или надвор од државата делуваат 14 католички свештеници, двајца ѓакони кои во следната 2016 ќе примат свештенички чин, 20 чесни сестри, неколку свештенички кандидати.

Радово може да се пофали со свои синови кои достигнаа високи наобразби и работат како универзитетски и средношколски професори, лекари, наставници, судии, економисти, правници…

Неколку врвни приватни стопанственици и занаетчии.

Во моментов Радовски студенти има по сите универзитетски центри во Македонија и надвор од државата. Имиграционите движење од Радово се внатрешни по поголемите центри во Македонија.

Духот донесен од кукушкиот крај ги краси и младите генерации на Радово, па затоа сите се подготвени меѓусебно да си помогнат во потреба. Поврзаноста со црквата останува на највисоко ниво па затоа и амбициозноста и позитивното расположение може да се сретне на секој чекор, а тоа го прави селото напредно. Економскиот раст на Радово во последните години е забележителен.

Радовчани со гордост го истакнуваат фактот дека потекнуваат од Кукуш и кукушко и цврсто веруваат дека ќе дојде денот кога ќе можат слободно да ги посетат вечните пребивалишта на своите дедовци и прадедовци и таму да се помолат за своите.

Свештеници кои пасторално ја воделе парохијата „Св. Пророк Илија“ – Радово, во годините од 1913/14 до 2015:

  1. Отец Ѓорге Стојанов 1913 година
  • и о. Стојан Пецев, роден во Алексово 1856. Умрен во Радово

Парох во Радово до 1916.

  1. Монс. Неделко Стојчев, роден во Алексово 1875. Умрен во Радово 1952.

Парох во Радово од 1916 до 1918.

  1. О. Христофор Димитар Назов, роден во Алексово 1881. Умрен во Радово 1961.

Парох во Радово од 1918 до 1957.

  1. О. Димитар Ташев, роден во Алексово 1909. Умрен во Радово 2004.

Парох во Радово од 1957 до 1994.

  1. Н.В.П. д-р Киро Стојанов. Парох во Радово од 1994 до 1999.
  2. Актуелен Парох во Радово од 1999 е о. д-р Зоран И. Стојанов.

Радово како парохија е опслужувана и од капелани:

  1. О. Тома Ангелов 1984 до 1991.
  2. О. Трајче Ташев и о. Илија Стојанов кои се и сегашни капелани.

Во парохијата се присутни и пасторално делуваат чесните сестри Евхаристинки.

Од парохијата Радово потекнува единствениот католички бискуп во Македонија Н.В.П. д-р Киро Стојанов и свештениците: о. Ѓорге Ангелов, о. Петар Ташев (на служба во Србија), протојереј ставрофор Ѓорги Трајков – катедрален парох во Струмица, о. Тома Ангелов – парох во Богданци и Стојаково, о. Кирил Ангелов (САД), о. Кирил Манолев (САД), о. Гоце Костов – парох во Струмица „Раѓање на св. Иван Крстител, о. Димитар Ташев – парох во Гевгелија и Бистренци, о. Ѓорги Појразов – парох во Петралинци и Сарај, о. Оливер Тантушев – парох во Охрид, о. Ристо Самарџиски – капелан во Струмица, о. Трајче Ташев – капелан, о. Илија Стојанов – капелан, о. Ванчо Назов – капелан во Нова Маала, o. Атанас Сирачев и о.д-р Зоран И. Стојанов – парох.

Исто така од Радово потекнуваат и поголемиот дел од сестрите Евхаристинки, Сестра Еврозија Стојанова, с. Наталија Стојанова, с. Мелхиора Иванова, с. Леонија Атанасова, с. Татјана Атанасова, с. Винкентина Манолева, с. Лидија Манолева, с. Мартина Стојкова, с. Тереза Стојкова, с. Серафима Манолева, с. Луиза Ичева, с. Климентина Стојанова, с. Бернардина Сирачева, с. Зеновија Спасова, с. Тарзиција Назова, с. Ана Тантушева.

 И сестрите на Св. Винко Паулски (Усмелинки), с. Розалија Ташева, с. Звезда Ташева, с. Тереза Ташева и с. Славка Ташева.

 Левитската служба во последните години во црквата св. пророк Илија ја обавуваат, одборниците: Ѓорге Иванов, Киро Кармазичев, Ѓорги Манолев, Ванчо Тантушев, Трајчо Манолев, Тони Вангелов, Драги Сирачев, Никола Манолев, Ѓорги Кармазичев, Горѓи Сирачев, Никола Радичев, Дончо Манолев, Илија Илиев и Мирчо Иванов. Додека службата црковник (клисар) долги години ја обавува Трајко Иванов.

Црквата, капелите и крстовите во Радово

Сегашната црква св. Пророк Илија во Радово е новоизградена, односно градена во првата деценија од 21 век.  Осветувањето на темелниот камен беше извршено на 15 март 2003 г., а осветувањето е извршено на 10.10.2010 година од Неговото Високо Преосвештенство д-р Киро Стојанов. Градена е на местото каде беше и старата црква до 2003 година, која не беше повеќе во можност да служи за храм Божји, бидејќи беше во лоша состојба и постоеше опасност да се сруши.

Од доаѓањето на бежанците (бегалците од јужна Македонија) во 1913 година ова е трет храм во кој се служи и слави Бог.

За прва црква била купена една куќа во селото и била приспособена за да може да се служи во неа веднаш по идењето во 1913 г.

Втората црква била почната да се гради во 1928 година и таа се користеше до 2003 г.

На местото на првата црква во пролетта 2012 година воочи јубилејот 100 години од доаѓањето на католиците од кукушкиот крај во Радово е изградена капела која е посветена на Марија од Назарет.

Во Радово постои и втора капела изградена во есента 2012 година и е посветена на Блажена Мајка Тереза од Скопје. Првата го симболизира јубилејот 100 години од идењето во Радово, и е подигната на местото каде што била првата црква по идењето на бежанците; а втората е симбол на егзодусот и геноцидот извршен врз Македонците во Втората балканска војна 1913. За сеќавање на десетиците илјади невини жртви убиени и раселени од непријателската војска. Црквата е подигната на местото каде што се верува дека била пред Отоманската окупација на Македонија.

Покрај црквата и двете капели важно место во молитвениот живот на верниците во Радово имаат и трите крстови кои го красат селото.

  1. Јубилејниот Крст, кој е поставен во јубилејната 2000 година и посветен на први мај и.г. од бискупите монс. д-р Јоаким Хербут и монс. д-р Киро Стојанов. Во чест на 2000 годишнина од христијанството.
  2. Крстот за јубилејот 100 години од доаѓањето во Радово, кој е поставен на местото каде што стоел првопоставениот крст поставен воочи празникот Воздвижение на чесниот крст 26 (13) септември 1913.
  3. Крстот симбол на христијанското страданието и едгзодусот на католиците од Алексово, Кукуш и цела јужна (Егејска) Македонија.

Двете капели изградени 2012, двата крста едниот поставен 2012 другиот 2013 година се посветени од Н.В.П. д-р Киро Стојанов (Апостолски егзарх во Македонија и скопски бискуп) на петти октомври 2013 година.

Марија од Назарет

Мошне важно место во верскиот живот на верниците во Радово зазема статуата на Мајка Божја Богородица – Марија од Назарет. Оригиналната статуа Марија од Назарет, која се наоѓа во црквата на Светото Семејство во Назарет, го посети Радово од трети до десетти октомври 1998 година. Оттогаш се случени многу чудеса, измолени токму пред статуата Марија од Назарет, која зазема видно место во парохиската црква св. Пророк Илија. Карактеристичното делење на милости преку милосрдното Мариино срце кое е истакнато со левата рака, а Марија милостите на своето срце под кое го носеше Господ Исус Христос ги дели со десната рака, ја прави таа статуа посебно мила и љубена меѓу верниците и поклониците од други места кои ја посетуваат црквата во Радово.

Втората милосна крепост на статуата Марија од Назарет во Радово е и подадената рака на Исусовата и наша мајка кон своите чеда. Секој човек во потреба може да се обрати и надева на помош. Досега се многубројни чудесата (измолени се оздравувања, слога и разбирање во семејства, одимување деца…) кои ги примиле верниците искажувајќи ги на Богородица своите молитви, прозби, молби и благодарности пред Марија од Назарет во Радово.

Три заеднички Агапеа

Во Радовската парохија се подготвува и благословува три пати годишно заедничко Агапе. Спремањето, набавките и делењето го водат црковните одборници, во соработка со останатите верници кои сакат да помогнат и тоа на: Света Троица (Духовден-Педесетница); на празникот на заштитникот на парохијата св. пророк Илија 02 август (20 јули); на Голема Богородица 28 (15) август.

Важно место зазема и подготвувањето и принесувањето на домашни специјалитети од страна на верниците на празникот Марија од Назарет, неделата по Прв петок во октомври. Од кои после светата Литургија во црковниот двор сите верници се собираат на заедничко агапе.

Волонтерството во парохијата Радово е на високо ниво. Организираните акции се прифатени и од возрасните и од младите.

Светлина

Во Радово излегува Христијанското списание “Светлина“, чиј што прв број излезе на 01 јануари 1995. Основач на Списанието е Н.В.П. д-р Киро Стојанов – Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија. Сегашен главен и одговорен уредник на списанието е о. Зоран И. Стојанов, а уредник о. Гоце Костов.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *