Историјат


Апостолски Егзархат во Македонија

Почетокот на христијанството во Македонија

Христијанството во Македонија започнува уште од времето на апостолите, кога самиот апостол Павле 51 година пристигнува во Македонија. Впрочем, додека свeti Павле бил во Троада Мала Азија, ноќта на сон му доаѓа еден Македонец и го моли велејќи: „Дојди во Македонија и помогни ни“ (Дела 16,9).

По втор пат христијанството започнува да се шири во Македонија со доаѓањето на новите народи на Балканот, пред сe, Словените. Започнува во VII и го достигнува својот врв во IX век во времето на Светите браќа Кирил и Методиј, кои даваат свој белег и ги поставуваат темелите за натамошниот развој на словенската култура. Делото на Светите Браќа го продолжуваат нивните ученици Климент и Наум, кои ја втемелија првата словенска епархија на Балканот, односно Охридската епархија.

Во времето на Самуиловото царство и создавањето на јужнословенските епархии створена е и Охридската архиепископија чија автокефалност се одржува сe до 1767 година, кога Турците, под влијание на Цариградската патријаршија, ја укинуваат. Оттогаш во Македонија започнува и движењето за ослободување и осамостојување на национално и црковно поле.

Во Македонија постојат сега две Црковни Институции (Епархии) и тоа: за католиците од Римски обред, Скопска Бискупија, и за католиците од од византиско-словенски обред, Апостолски Егзархат, со седиште во Струмица.

АПОСТОЛСКИ ЕГЗАРХАТ ВО МАКЕДОНИЈА

Во Република Македонија постојат како напомнавме на почетокот и католици од византиско-словенски обред, кои потпаѓаат под јуриздикција на Апостолскиот Егзархат во Македонија.

а) Кукушко соединение Движењето за ослободување и осамостојување добива свој замав кон средината на 19 век, кога по цела Европа се буди националната свест. Тоа движење ја зафаќа и Македонија. Во борба за црковно ослободување од хеленистичкото влијание, покрај националниот дух, во македонскиот народ се буди и духот за црковна независност од Цариградскиот патријархат. По неуспешното барање сојузник во разните независни Цркви, обидот за ослободување од јуриздикцијата на Цариградскиот патријархат завршува во соединение со Католичката црква 1859 година. Центарот на тоа движење беше градот Кукуш, од каде и името „Кукушко соединение“. Во 1883 година створен е Апостолски викаријат за Македонија со седиште во Солун. Прв Апостолски викар именуван е владиката Лазар Младенов.

б) Апостолски викаријат Со создавањето на Апостолскиот викаријат во Македонија е формирана правната структура на Католичката црква од византиско-словенски обред во Македонија. Епископот Младенов ја означува јасната насока на развојот на Католичката црква од источен обред. Меѓутоа несреќните околности што го зафаќаат тој крај: Илинденското востание, Балканските војни и Првата светска војна се одразуваат негативно и врз католиците. По Првата светска војна католиците од источен обред кои се нашле во Вардарскиот дел на Македонија и Струмичкиот регион, светиот Отец Папа ги поверува под грижата на тогашниот Надбискуп во Скопје. На 19 октомври 1923 година со одредба на Ватикан стануваат составен дел на Крижевската епархија и како такви остануваат сe до 2001 година.

в) Апостолски егзархат Неговата Светост папата Иван Павле II на 11 јануари 2001 година во Ватикан го потпиша декретот за воспо­ставу­вање Апостолски егзархат за католиците од источен обред во Македонија што во Ватикан беше објавен на 25 ја­нуа­ри 2001 година. Прв апостолски егзарх именуван е Н.П. Монс д-р Јоаким Хербут, бискуп скопски. За седиште на егзархатот е одре­ден градот Струмица, а парохиската црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица добива наслов катедрала. Двете црковни католички институции: Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија се под водство на една личност, Монс. д-р Киро Стојанов од 2005 година, можеби и единствен случај во светот. И покрај различ­ни­те обреди, соработката меѓу духовенството и меѓу верниците е на завидно ниво. Но, во исто време, го нагласувам и добриот однос со другите верски заедници во Република Македонија.