Катедрала


Катедрала „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје

Историски гледано, веќе во вториот век од нашата ера е формирана Скопска надбискупија. За тоа дека христијанството имало организирана црковна хиерархија говори и податокот, дека на Никејскиот собор (325), меѓу потпишаните соборски отци, се среќава и името на бискупот Дакос од Скупи (Скопје), а со тоа постоела најверојатно катедрална црква на овие простори.

Надбискупот Пашк Трокши со помош на австриска католичка донација, успеал да изгради катедрала во Скопје која во 1902 годна била посветена на Пресветото Срце Исусово. Тогашната катедрала се наоѓала во сегашниот центар на градот (на местото каде денес се наоѓа „Спомен куќата на Мајка Тереза“), на денешната улица „Македонија“, која во тоа време била наречена „Широк сокак“. Кога султанот доаѓал во посета на Скопје, бил дочекуван токму пред катедралата. Во катастрофалниот земјотрес од 1963 година катедралата била оштетена. По повод санирањето на урнатите објекти во Скопје за кои се одлучувало комисиски, првата комисија донела одлука дека катедралата може да се возобнови, додека втората комисија, од политички причини, донела одлука дека катедралата треба да се урне.

Во тоа време катедралата беше единствената католичка црква во Скопје. Во тој контекст, католичката заедница на градот Скопје освен што во земјотресот беше материјално оштетена, таа уште повеќе беше духовно оштетена затоа што католичката заедница остана без достоен литургиски простор. Тогашниот бискуп монс. Јоаким Хербут веднаш после земјотресот го започнува процесот на изработка на проектот за новата катедрала. Потоа, бискупскиот ординаријат барал простор за катедралата, и го добил меѓу улицата Митрополит Теодосиј Гологанов и улицата Петар Поп Арсов. Така, во 1982 година била изградена нова катедрала.

Проектот за новата катедрала е изработен од два архитекта: Славко Ѓуриќ и Благоја Мицевски, а изградбата на катедралата започнува во 1975 година и трае 7 години до 1982 година.

Главната идеја за надворешниот изглед на катедралата е старозаветната слика на шатор во кој живее Јахве. Катедралата ја карактеризира модернистички стил.

Гледајќи ја катедралата однадвор, највпечатлив дел е кровната конструкција која се сече вкрстено и на тој начин прави облик на латински крст, а потоа нагло се спушта надолу и на тој начин ја покажува сликата на шаторот.

Внатрешноста на катедралата е скромна, но сепак ја красат неколку дела на познати уметници. Во прв ред тоа е витражот кој се наоѓа на ѕидот зад олтарот. Витражот го прикажува Христос кој во својата рака го држи своето прободено Срце – со што се алудира на патронот на катедралата: Пресветото Срце Исусово. Витражот е направен по нацрти на Ивана Улман, а изработен е во Загреб, во работилницата Чуриловиќ.

Централниот лустер над олтарот го изработиле чесните сестри на Светиот Крст од Ѓаково, Хрватска. Главната идеја водилка во изработката е: Христос како светлина, центар и смисла на сѐ! Чесните сестри се обиделе оваа слика да ја претворат во стварност со три круга од кои горниот е најголем, долниот е најмал и воедно и најблиску до олтарот при што покажува дека Христос е присутен во лебот и виното на олтарот, центарот и смислата на нашиот живот.

Треба секако да се спомнат и двата релјефи кои што се наоѓаат во предните делови на двата амвона. Тие се дело на академскиот скулптор Томе Серафимовски од Скопје и го прикажуваат Христос Седржител и Богородица. Овие релјефи се работени во бел камен во источен стил.

Оргулите се изработени во декември 2008 година и тие се првите и единствени оргули во Македонија. Изработени се во Бискупската работилница во Марибор (Словенија) и ги имаат следните карактеристики: два мануала; 26-28 регистри; висина на цевките од 15см до 5м; а вкупна тежина е 6 тона. Инаку тие се механички оргули.

Во катедралата се наоѓа статуата на Пресвето Срце Исусово, дело на тиролската школа. Ова статуа се наоѓаше во првата катедрала која што настрадала во земјотресот во 1963 година и има важна историја, бидејќи како девојче пред неа се молела света Мајка Тереза. По повод својата посета во Скопје како Мисионерка на љубовта по молитвата пред статуата кажала: „Тука сè започна“.