Проповед на Празникот Срце Исуово: Срцето – центар на нашето битие

Проповед на бискупот Стојанов на празникот Пресвето Срце Исусово во Скопската катедрала

Драги браќа и сестри, празнувајќи го таинството на Пресветото Срце Исусово навлегуваме во најдлабоката длабочина на Исусовото божество и човештво. Да имаме на ум кога се говори за срце, Библијата не мисли на орган на нашето тело туку како на центар на нашето битие. Со апостолот Павле повторуваме дека човекот, така да се каже, изграден е на три ката: тело, дух и бесмртна душа. Секој дел има своја функција, додека телото не покрива за материјалниот свет на оваа земја, нашата психа повеќе се воздигнува и според интелектот функционира и управува со нашите мисли со кои достигнуваме величина на човек како разумно суштество. Нашата духовна душа која е божествено наследство и божествен атрибут не прави бесмртни, неуништливи и вечни. Живееме во цивилизација која како што изгледа ја пренагласила телесната димензија на нашиот живот. Вистина е, дека низ историјата никогаш така не се чувало, а ниту лечело човечкото тело, како денес. Но, вистина е и дека никогаш не било толку многу болести, колку што ги има денес. И покрај сите достигнувања на медицината денес, сепак, немилосрдната и често ненадејна смрт коси и носи животи. Да не зборуваме за одговорноста на неброен број луѓе кои за својата телесна состојба сами се виновни. Сега кога во многу Држави е допуштен абортусот, а од неодамна и еутаназијата, човечкиот телесен живот – се извинувам на изразот – стана економска вредност. Се прашуваме: каде оди оваа цивилизација на смртта? Ако се подигнеме на повисоко ниво на човечкиот живот забележуваме исто така дека барем постои еден извонреден полет на образование и школување на луѓето. Да претпоставиме дека целта на секоја наука е да ја запознае вистината, а со Пилат можеме цинички да го поставиме прашањето: А што е вистина? Навистина никогаш не било толку контрадикторни тврдења кои се исклучуваат и не можат да бидат вистина, бидејќи вистината е само една. Таа не се докажува, туку самата со себе се докажува. Толку многу дипломирани луѓе, толку факултети, а толку сиромаштија, збунетост како во науката така и во животот. Ако се присетиме колку влијание на формирањето на ставовите имаат електронските медиуми тогаш гледаме дека во сето тоа се изгубил homosapiens – паметниот човек. И затоа оправдано се прашуваме: имаме ли ние паметни луѓе или само школувани. Не би сакал во оваа размислување да го анализирам тој факт, но размислите сами. Колку сме и ние робови на електронските медиуми.

Сепак, тоа што во човекот е највредно, најдлабоко и бесмртно во оваа цивилизација е целосно занемарено (игнорирано). Слушнавме во првото читање како Мојсие на избраниот народ токму го формира тој дел од човечкото битие, а тоа е формирање на совеста. Како што белите дробови се орган за дишење, така совеста е инструмент за правилно водење на бесмртната душа. Ако било кога тогаш човекот во наше време е обезглавен како тоа кај пророкот Исаија како животно што не знае што е лево, а што десно. Исаија дури и се потсмеал затоа што животното барем ги знаело јаслите на својот господар, а ти мој народе не го познаваш својот Бог. Кога говориме за совеста, тогаш можеме да говориме за културата на срцето, а ако срцето е култивирано во онаа смисла, тогаш можеме да говориме и за целовитоста на човекот која всушност го обединува оваа одговорност кон себе и другите, а тој закон како што пишува Писмото е впишано во ѕидовите на нашите срце, односно во совеста. За жал, современиците на оваа цивилизација во многу сегменти успеале да го задушат гласот на совеста и да го искриват редот на вредностите, и така се појавува генерација за која без навреда можеме да кажеме дека е монструозна. Човештвото не без причина стравува од иднината а сè заради недостаток на совесни луѓе.

Кога сега го слушаме Исусовиот повик: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мт 11,28), тогаш да го сфатиме тоа како ѕвоно пет до дванаесет, односно последна шанса да ја вратиме надежта на културата на живеење на човештвото во кое на нашето дејствување ќе диктира чиста совест. Црквата во наше време ја препознава својата незаменлива улога во тоа послание. Но, папа Фрањо покажа каде треба да се почне со културата на животот по култивирањето на срцето. Исус, имено вели: фала ти Оче, што ова им го откри на малите. Со оваа радосна вест св. отец Папа неуморно ги посетува малите и предупредува дека токму тие мали на периферијата се Исусови пријатели кои се подготвени да поверуваат и да го менуваат своето срце и да растат како совесни луѓе. Затоа и нас служителите на Црквата не праќа на периферијата меѓу малите да ги повикаме кон Господовата трпеза, бидејќи арогантните и горделивите веќе одамна нашле изговор дека не можат да бидат со нас.

Драги браќа и сестри, оваа размислување долго го носев во срцето, знам дека е тешко да се разбере и затоа ги замолив своите неуморни соработници да преку парохискиот лист ви го достават и во писмена форма да можете и лично да размислувате, а сега сите заедно да ги подигнеме своите очи кон тоа отворено срце и да молиме: Господи, знаеме дека Црквата е жив организам на твоето тело, знаеме и тоа дека организмот во некои мигови може да биде без свест, но никогаш без срце, бидејќи срцето е љубов а и Бог е љубов. Без твоето срце нема Црква затоа направи го нашето срце според срцето Твое. Амин.

На празникот, Пресвето Срце Исусово 2017 – Скопје, 23 јуни 2017 година

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *