Монсињор Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх
Монсињор д-р Киро Стојанов е роден на 9 април 1959 година во с. Радово, струмичко од татко Илија и мајка Велика. Основно образование завршува во родното село (IV) и соседното село Турново (VIII). Средно образование, две години во Класичната гимназија: Pontificio Seminario Minore – Roma, а две години и матура во Бискупската класична гимназија „Paulinum“ во Суботица, Република Србија.
Филозофско теолошките студии ги завршува на Папскиот универзитет Урбаниана, а докторира по Канонско право на Папскиот Институт за источни науки во Рим на тема: „Историско правниот развој на Католичката црква од византиско – словенски обред во Македонија“.
За свештеник е ракоположен на 6 април 1986 година во парохијата Свети Пророк Илија во Радово, Македонија. Ја извршува функцијата префект во Папскиот завод „Свети Јосафат“ во Рим, по завршувањето на студиите од 1989 до 1994 година ја извршува службата канцелар на Крижевската епархија во Загреб и духовник во Богословијата; парох во парохијата „Свети пророк Илија“ – Радово од 1994 -1999 година кога, од Неговата Светост папа св. Иван Павле II е именуван за помошен Скопски бискуп и титуларен епископ Центурионски. Хиротонисан е на 1 мај 1999 година во Скопје. Во меѓувреме ја извршува службата Генерален викар на Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат, Администратор “sede plena” и “sede vacante” сè до именувањето за Ординариј на истоимените црковни покраини на 20 јули 2005 година од страна на папа Бенедикт XVI, додека устоличувањето за Скопски бискуп е извршено во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје на 6 ноември 2005 година и два дена подоцна на 8 ноември 2005 година за Апостолски егзарх во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица. За Епарх на епархијата Успение на Пресвета Богордица Струмица – Скопје е именуван на 31 мај 2018 година, а на 2 декември истата година во Катедралната црква „Успение на Пресвета богордица“ во Струмица е устоличен.
Бискупот Стојанов по 104 години е првиот епископ од македонска националност.