Историјат


СКОПСКА БИСКУПИЈА

Почетокот на христијанството во Македонија

Христијанството во Македонија започнува уште од времето на апостолите, кога самиот апостол Павле 51 година пристигнува во Македонија. Впрочем, додека свeti Павле бил во Троада Мала Азија, ноќта на сон му доаѓа еден Македонец и го моли велејќи: „Дојди во Македонија и помогни ни“ (Дела 16,9).

По втор пат христијанството започнува да се шири во Македонија со доаѓањето на новите народи на Балканот, пред сe, Словените. Започнува во VII и го достигнува својот врв во IX век во времето на Светите браќа Кирил и Методиј, кои даваат свој белег и ги поставуваат темелите за натамошниот развој на словенската култура. Делото на Светите Браќа го продолжуваат нивните ученици Климент и Наум, кои ја втемелија првата словенска епархија на Балканот, односно Охридската епархија.

Во времето на Самуиловото царство и создавањето на јужнословенските епархии створена е и Охридската архиепископија чија автокефалност се одржува сe до 1767 година, кога Турците, под влијание на Цариградската патријаршија, ја укинуваат. Оттогаш во Македонија започнува и движењето за ослободување и осамостојување на национално и црковно поле.

Во Македонија постојат сега две Црковни Институции (Епархии) и тоа: за католиците од Римски обред, Скопска Бискупија, и за католиците од од византиско-словенски обред, Апостолски Егзархат, со седиште во Струмица.

Скопската бискупија, под чија јуриздикција се верниците од западен, односно римски обред е една од најстарите бискупии на Балканот која постои во континуитет од самото нејзино основување.

Територијата каде што денес се простира Скопската бискупија историски не е доволно испитана. Многу важни историски факти и денес се нерасветлени. Поради подобар преглед, црковната историја во овие краеви би можела да се поделиме во три главни периоди.

Прв период

Првиот период почнува со појавувањето на Христијанството во Европа. Значи во времето на св. Апостол Павле. За тоа дека христијанството било присутно во овие краеви говори и податокот, дека на Никејскиот собор (325), меѓу потпишаните соборски отци, се среќава и името на бискупот Дакос од Скупи (Скопје). Бискупот Дакос се споменува како митрополит на чело на покраината Дарданија, чиј главен град е Скопје, а се простира од Ниш па сe до Велес. Постоењето на митрополија нe упатува кон една јасно дефинирана црковна организација во покраи­ната на чело со митрополит и повеќе бискупи.

Овој период може да се нарече „златен период“ за оваа покраина. Подоцнежните писатели споменуваат пет дие­цези во склоп на провинцијата Дарданија. Меѓу потпишаните во писмото, што дарданиските бискупи му го прати­ле на Папата Гелазие (492), се наоѓаат имињата на шестмина бискупи.

Втор период

Вториот период е карактеризиран со немирни состојби и преоѓање на овие краеви од раце во раце на разни нови владетели.

Со доаѓањето на Турците настапува еден тежок период за христијаните во  овие краеви. Петвековното турско ропство остава тешки последици во диецезата. Но, сепак, во еден извештај во Рим кој датира од 1584, Скопје се спомнува како католички центар.

Трет период

Овој период се совпаѓа некако во времето на основањето на Конгрегацијата “де Пропаганда Фиде” (1622). Во овој период се посветува повеќе внимание на овие краеви.

Редоследот на скопските пастири од надбискупот Андрија Богдани (1651-1656) па сe до денес е непрекинат. Глав­но, сите резидирале во Скопје, иако многу пати биле присилени, поради турските зулуми, да го менуваат местото на своето престојување, сокривајќи се во непристапни места.

Сe до 1914 Скопје го носи насловот „Надбискупија“. Но, со конкордатот помеѓу Светиот Стол и кралството Србија (1914) тој наслов преоѓа на Белград. Последен надбискуп е Лазар Миеда сe до 1921 година кога е поставен за митрополит во Скадар.

Во 2000 година Светитот Отец Папа Иван Павле II ја одделува Скопската од Призренската бискупија и денес нејзината јуриздикција се протега на целата територија на Р. Македонија.